Monday, December 29, 2014

Кога ќе пораснам, сакам да бидам дете

          Има моменти во животот кога на ум, онака од нигде никаде, ти слетува идеата за егзистенцијалното прашање на своето битисување - кој сум јас, всушност. Каде сум и каде одам? Побитно, каде сакам да одам. Некаде далеку, претпоставувам.

          Во принцип, секој еден знае од прилика каде сака да оди, каде сака да стигне во одреден дел од животот. Или барем, до крајот на животот. Сите имаат некаков план, некаква идилична слика за иднината. И се работи секој ден на тој план, на секој чекор кој би требало да нé однесе до таму. Каде, ќе прашам? На некое далечно место? Во некоја туѓа држава?
          Всушност, она што ме фасцинира е тоа што на прашањето „Каде сакаш да стигнеш?“, многу често слушам географска одредница, наместо цел. Па, нели и тоа е суштината? Не, грешка е поставено прашањето. Треба да биде: „Што сакаш да ДОстигнеш?“. Фактички, да стигнеш до нешто. Или некого. За кого-како. 

          Опкружени со едноличноста на секојдневието, понекогаш се случува да подзаборавиме по малку на таа наша поставена цел. Многу почесто од тоа, се забораваат детските сништа и амбиции. Колку од нас сакаа да бидат доктори кога ќе пораснат? Колкумина од нас сакаа да станат космонаути кога ќе пораснат? Колкумина од нас сакаа да станат нешто кое не станаа? Зошто? Невозможно е? Не е. Недостижно е? Не е. Каде е тогаш проблемот?

          Се чини како да сме ја согледале реалноста и сме фатиле некој друг пат. Некој пат кој ни се чинел почист, со помалку пречки, полесен за одење. Во сржта на човечкото битие е вкоренета резистентноста, отпорноста и одбивноста кон промени. Толку многу се загнездуваме во оптималната, навидум, положба и остануваме во неа со денови, години, ако не и децении, без да согледаме дека точно таа летаргија и одбивност не „брани“ од шанси за нешто ново, искуство или пријателство, победа или неуспех, не е битно. А токму она што треба е да се држиме чисто и смело на оние цели зацртани уште од детството. Тие се длабоко искрени желби и не се невозможни. И на нив треба да се работи со истиот жар со кој сме се замислувале кога сме биле деца.

          Впрочем, и клише е веќе да кажам дека она за кое најмногу се бориш е најслатко. Она што лесно доаѓа, лесно и си заминуваа. Можам да ви напишам уште илјадници клишеа за ова. Чуму? Јасно е веќе. Летаргични сме, да не речам мрзливи, отпорни на секаква промена. Менталитетот на народот од овој регион е таков. Ќути, има и полошо. Ограничени сме. Сами си поставуваме граници. Јас не можам. Јас не сакам. Не ми дозволуваат. Секогаш некој друг ни е крив, иако знаеме дека самите сме си виновни.

          Знаете колкава е детската тврдоглавост за да направат нешто? Конкретно за да достигнат чоколадо ставено еден метар над нив. Прво ќе посегнуваат. Неколку пати. Кога ќе увидат дека не можат така, ќе потскокнат. Ќе потскокнуваат извесен период. Ќе му го потфатат крајчето на чоколадото, ама не можат да го симнат. Ќе земат некој подолг објект (тепалче за муви, книга, лажица, што ќе им се најде на повидок). Ќе пробаат и така. Не бива? Не бива. На крај ќе им текне да се качат на нешто. И ќе најдат нешто, и ќе се качат, и ќе го достигнат чоколадото, и ќе го земат и ќе го изедат. И ќе се насмеат... Тоа е тоа што ни фали. Детска посветеност и безусловна упорност. Ако сакаш нешто што го немаш, мораш да направиш нешто што не си направил.


          Оние кои нé спречуваат во нашите соништа сме самите ние. Оние кои ставаат граници сме исто така, самите ние. За дете нема граници. Нема граници на соништа, за нив сé е возможно. Зошто тогаш дозволуваме општеството да ни ги урне надежите и да ни ги окова крилјата?  

          Нареден пат кога ќе бидете во близина на дете, прашајте го што сака да биде кога ќе порасне, и ќе ја видите жарта, искрена, искри што фрла. Јас, од друга страна, кога ќе пораснам, сакам да бидам дете.
          

Кој ја уби креативноста?

Младите се како семе, потребни им се „вода“ и „сонце“ за да растат и да ја развиваат својата креативност. Неопходно е постојано стимулирање на нивните размисли за да се всади желбата за истражување на светот околу нив. Постојано да се „полеваат“ и да се изложуваат на „сонце“. Потребно е спознавање на факторите што влијаат врз развојот на креативноста за да може да се обликуваат на начин што би предизвикувал слобода на младиот ум.


Првиот фактор што влијае врз креативноста кај младите е општата животна средина во државата во која тие растат и се развиваат. Колку таа придонесува или не придонесува за ова – е дискутабилно прашање. Дали ги толерира и соодветно ги охрабрува новите идеи и различното размислување? Прашање што, исто така, не може да се одговори во само неколку реда. Општеството, покрај образованието и самостојното надградување, исто така игра огромна улога при калапењето на младиот дух. Менталитетот, општоприфатените морални закони и норми, а најмногу од сѐ – непосредните учесници во конкретното општество, се „брусачите“ што ја обликуваат мислата.


Вториот фактор е (с)познавањето на технолошката свест кај младите. Како поважен чинител се јавува образовниот систем, кој треба да биде конструиран на таков начин што ќе ги насочува младите креативно да размислуваат. Оттука, начинот на предавање во новите наставни програми, наместо само на пасивно усвојување факти, треба да се засновува на откривање нови знаења и на развој на критичкото размислување. Самата технолошка свест кај младите може да се поттикне преку образовниот систем, со што се добива комбинација што значително може да им помогне на младите да се ослободат од стегите и од униформноста во размислувањето и во конформистичкото прифаќање на фактите. Кога образованието ќе ја интегрира технологијата во својот систем и притоа ќе ја употреби во своја полза, младиот ум ќе биде способен да размислува и подалеку од хоризонтот на околината, односно ќе го постигне она „thinking outside of the box“ (размислување надвор од кутијата).


„Училиштето ме изневери мене, но и јас го изневерив него. Ми здодеа. Наставниците се однесуваа како наредници. Јас сакав да го учам она што сакав да го знам, а тие сакаа да учам за она што ќе ми го дадат на тест. Она што најмногу ме нервираше е компетитивниот систем. Поради ова, не бев вреден за ништо и честопати ми велеа дека треба да го напуштам училиштето“ - Алберт Ајнштајн.


Во Македонија, образовниот систем речиси не ја поттикнува ниту пак ја поддржува креативноста кај младите. Различниот начин на размислување често се смета за ирелевантен, дрзок, па дури и глупав. Уште пред да почне учебната година, однапред се утврдува наставен план што се засновува на способноста на личноста за меморирање. Највисоките оценки им се доделуваат на оние што „најдобро“ ја знаат лекцијата, односно на оние што, горе-долу, ја имаат научено речиси напамет. Ученикот/студентот чија креативност е поразвиена од онаа на другите понекогаш се смета и за извор на вознемирување или на попречување на „нормалниот“ тек на предавањето. Овој систем нема да се смени што поскоро. Ретки се наставниците и професорите што им обрнуваат поголемо внимание на „посебните“ деца. Ретко на кое предавање се толерираат конструктивната забелешка или несогласувањето со изнесените факти. Останува прашањето: како да се поправи ова и како да се врати поддршката за креативните, кои често се нарекувани и претемпераментни за да седат на час?


Она што е потребно е да им се посвети одредено време на младите што искажуваат желба за дискусија на одредена тема гледана од малку поинаков агол. Сѐ помалку има и воннаставни активности што би помогнале во разгорувањето на страста за дознавање нешто ново, за запознавање некоја нова сфера од животот, за нов начин на согледување на нештата. И повеќе од јасно е дека радикални промени, колку и да се потребни, не може, а и нема брзо да се случат. Потребна е постепена промена, како кај образовниот кадар така и во образовниот систем и во наставните содржини. За да се остави простор за критичко размислување, треба да имаме просветни работници што критички ќе размислуваат, учители што постојано ќе прашуваат за да имаат љубопитни ученици и професори што ќе го искажуваат своето двоумење за студентите да почувствуваат дека имаат простор да прашаат и и самите да се двоумат. Така, постепено ќе се трансформира општеството и конформизмот полека ќе почне да се топи.


Прашањата се јасни, одговорите – сè уште нејасни. Кој ја уби креативноста? Кој и како им ја задоволи жедта на младите да се откријат повторно? Како да се врати страста кај младите за себеспознавање, за саморазвивање? Колку ли скриени филозофи и уметници има меѓу нас, заспани во длабок сон, во долгогодишна летаргија, задушени од секојдневните политичко-економски превирања, изгубени на патот кон себекалењето?

Бидете љубопитни. Читајте. Пишувајте. Пејте. Прашувајте. Постојано и насекаде. Не постојат глупави прашања. Самите сме одговорни за сопствениот личен развој и во никој случај не смееме да го оставиме во рацете на општеството, а уште помалку во рацете на образовните институции. Тие може да ни дадат насока, но не и да нè искалапат како уникати. Уникатноста зависи од нас.

Мајка


Мајка.

Тоа е онаа личност што по телефон, на илјадници километри оддалеченост ќе ја сети таа мала трошка тага и ќе те праша за неа. Тоа е онаа личност што од сон се буди за да се осигура дека си покриен/а и не ти е ладно. Тоа е онаа личност што со ноќи ќе бдее будна над тебе, само ти да си добро. Таа е онаа личност што со душа ќе те чека да се вратиш дома. Каде и да си.

Не сум мајка, се надевам дека некогаш ќе бидам, ама нема врска дека кога ќе станеш мајка ќе знаеш како е. Можеби не сосем автентично, ама знам како е. Исто ко што ми е мене. Ме боли ако ја боли нејзе. Те мачи тебе ако ја мачи нејзе. Се радуваш ако ја израдуваш.

И ја сакаш. Бескрајно. Бесконечно. Безрезервно.
Мајка.





To My Mother

By Edgar Allan Poe

Because I feel that, in the Heavens above,
The angels, whispering to one another,
Can find, among their burning terms of love,
None so devotional as that of “Mother,”
Therefore by that dear name I long have called you—
You who are more than mother unto me,
And fill my heart of hearts, where Death installed you
In setting my Virginia's spirit free.
My mother—my own mother, who died early,
Was but the mother of myself; but you
Are mother to the one I loved so dearly,
And thus are dearer than the mother I knew
By that infinity with which my wife
Was dearer to my soul than its soul-life.

Rainbow Dandelion

Somewhere in between of childhood memories
And adolescent world of reality
I stepped on a coloured rainbow tile.

I took off to a cluster of stars
Each one brighter than the other
Showing me the magic of the sky.

Flown and blown away, I realize
People are strange and alienated
From that childhood serenity.

Smile and wave, be kind and brave
To change the world –
Be the kid society has killed in you.

To all the serious faces
This is a mysterious place
And to them, I must say
I’m only a hopeless dreamer.



Милион други

Дали проклетово општество ќе прекине да ги маргинализира оние на кои им е најпотребна помош?
Дали глупавава власт ќе прекине со уште поглупавите планови за нова кампања, во која само се серат кој што не направил?
Дали народов конечно ќе се свести дека сите сме исти суштества, од месо и коски и дека парите не те прават подобар човек?
Се помалку се чувствувам како да припаѓам тука. Се помалку имам надеж дека јас можам да градам иднина во гнилава земја. Се помалку верувам. Се помалку сонувам.
Каде си сонце? Каде ти се зраците? Кај ти е сјајот?
Во срцево нож заринкан, во мисливе торнадо лудува.
Што правам јас? Која ми е поентата на мојот живот? Каде сум? Знам само каде сакам да одам. Ништо друго.
Да се биде сонувач, да се биде мечтател денес во нашава гетоизирана „wanna-be“држава, значи намерно да се откажеш од здравиот општествено-прифатениот начин на живот. Значи да не влезеш во општествената машина за калапање на хуманоидни суштества и да отскокнуваш од „нормалните“. T.е. според нив, ти си ненормален/на.
Ако!

Општеството упорно се обидува да ми ги згази амбициите и да ми ги спали соништата. Ако!
Имам уште милион други.

Надеж во недоглед

Уште 2 цигари во кутија и една што догорува на пепелникот. Чад се разлева насекаде. Почнува како стебло кое се разгранува и продолжува до недоглед. Да, недоглед – толку се соединува со атомите од воздухот, што станува едно со нив и се припојува, и веќе не се забележува. Но, се чувствува. Во воздухот. Како и мојата воздишка.

Среќата е во малите нешта. Во прегратките. Во насмевките. Во едно „Добар ден“искрено упатен кон комшиите и продавачката која ме пречекува со насмевка, желна за два реда муабет. Среќата е во сонцето што силно светнало денеска и буди во мене чувство на енергичност, одлучност, непоколебливост. После дождот доаѓа сонце. И тоа топло, силно, сјајно, искрено сонце.

https://www.youtube.com/watch?v=m65jhGwtWr

Здрава сум, жива сум, млада сум. Среќна сум.

...Уште 2 цигари во кутија и една што догорува на пепелникот. Чад се разлева насекаде. Почнува како стебло кое се разгранува и продолжува до недоглед. Мојот поглед и надеж во недоглед.