Младите се како семе, потребни им се „вода“ и „сонце“ за да растат и да ја развиваат својата креативност. Неопходно е постојано стимулирање на нивните размисли за да се всади желбата за истражување на светот околу нив. Постојано да се „полеваат“ и да се изложуваат на „сонце“. Потребно е спознавање на факторите што влијаат врз развојот на креативноста за да може да се обликуваат на начин што би предизвикувал слобода на младиот ум.
Првиот фактор што влијае врз креативноста кај младите е општата животна средина во државата во која тие растат и се развиваат. Колку таа придонесува или не придонесува за ова – е дискутабилно прашање. Дали ги толерира и соодветно ги охрабрува новите идеи и различното размислување? Прашање што, исто така, не може да се одговори во само неколку реда. Општеството, покрај образованието и самостојното надградување, исто така игра огромна улога при калапењето на младиот дух. Менталитетот, општоприфатените морални закони и норми, а најмногу од сѐ – непосредните учесници во конкретното општество, се „брусачите“ што ја обликуваат мислата.
Вториот фактор е (с)познавањето на технолошката свест кај младите. Како поважен чинител се јавува образовниот систем, кој треба да биде конструиран на таков начин што ќе ги насочува младите креативно да размислуваат. Оттука, начинот на предавање во новите наставни програми, наместо само на пасивно усвојување факти, треба да се засновува на откривање нови знаења и на развој на критичкото размислување. Самата технолошка свест кај младите може да се поттикне преку образовниот систем, со што се добива комбинација што значително може да им помогне на младите да се ослободат од стегите и од униформноста во размислувањето и во конформистичкото прифаќање на фактите. Кога образованието ќе ја интегрира технологијата во својот систем и притоа ќе ја употреби во своја полза, младиот ум ќе биде способен да размислува и подалеку од хоризонтот на околината, односно ќе го постигне она „thinking outside of the box“ (размислување надвор од кутијата).
„Училиштето ме изневери мене, но и јас го изневерив него. Ми здодеа. Наставниците се однесуваа како наредници. Јас сакав да го учам она што сакав да го знам, а тие сакаа да учам за она што ќе ми го дадат на тест. Она што најмногу ме нервираше е компетитивниот систем. Поради ова, не бев вреден за ништо и честопати ми велеа дека треба да го напуштам училиштето“ - Алберт Ајнштајн.
Во Македонија, образовниот систем речиси не ја поттикнува ниту пак ја поддржува креативноста кај младите. Различниот начин на размислување често се смета за ирелевантен, дрзок, па дури и глупав. Уште пред да почне учебната година, однапред се утврдува наставен план што се засновува на способноста на личноста за меморирање. Највисоките оценки им се доделуваат на оние што „најдобро“ ја знаат лекцијата, односно на оние што, горе-долу, ја имаат научено речиси напамет. Ученикот/студентот чија креативност е поразвиена од онаа на другите понекогаш се смета и за извор на вознемирување или на попречување на „нормалниот“ тек на предавањето. Овој систем нема да се смени што поскоро. Ретки се наставниците и професорите што им обрнуваат поголемо внимание на „посебните“ деца. Ретко на кое предавање се толерираат конструктивната забелешка или несогласувањето со изнесените факти. Останува прашањето: како да се поправи ова и како да се врати поддршката за креативните, кои често се нарекувани и претемпераментни за да седат на час?
Она што е потребно е да им се посвети одредено време на младите што искажуваат желба за дискусија на одредена тема гледана од малку поинаков агол. Сѐ помалку има и воннаставни активности што би помогнале во разгорувањето на страста за дознавање нешто ново, за запознавање некоја нова сфера од животот, за нов начин на согледување на нештата. И повеќе од јасно е дека радикални промени, колку и да се потребни, не може, а и нема брзо да се случат. Потребна е постепена промена, како кај образовниот кадар така и во образовниот систем и во наставните содржини. За да се остави простор за критичко размислување, треба да имаме просветни работници што критички ќе размислуваат, учители што постојано ќе прашуваат за да имаат љубопитни ученици и професори што ќе го искажуваат своето двоумење за студентите да почувствуваат дека имаат простор да прашаат и и самите да се двоумат. Така, постепено ќе се трансформира општеството и конформизмот полека ќе почне да се топи.
Прашањата се јасни, одговорите – сè уште нејасни. Кој ја уби креативноста? Кој и како им ја задоволи жедта на младите да се откријат повторно? Како да се врати страста кај младите за себеспознавање, за саморазвивање? Колку ли скриени филозофи и уметници има меѓу нас, заспани во длабок сон, во долгогодишна летаргија, задушени од секојдневните политичко-економски превирања, изгубени на патот кон себекалењето?
Бидете љубопитни. Читајте. Пишувајте. Пејте. Прашувајте. Постојано и насекаде. Не постојат глупави прашања. Самите сме одговорни за сопствениот личен развој и во никој случај не смееме да го оставиме во рацете на општеството, а уште помалку во рацете на образовните институции. Тие може да ни дадат насока, но не и да нè искалапат како уникати. Уникатноста зависи од нас.
No comments:
Post a Comment