Monday, December 29, 2014

Кога ќе пораснам, сакам да бидам дете

          Има моменти во животот кога на ум, онака од нигде никаде, ти слетува идеата за егзистенцијалното прашање на своето битисување - кој сум јас, всушност. Каде сум и каде одам? Побитно, каде сакам да одам. Некаде далеку, претпоставувам.

          Во принцип, секој еден знае од прилика каде сака да оди, каде сака да стигне во одреден дел од животот. Или барем, до крајот на животот. Сите имаат некаков план, некаква идилична слика за иднината. И се работи секој ден на тој план, на секој чекор кој би требало да нé однесе до таму. Каде, ќе прашам? На некое далечно место? Во некоја туѓа држава?
          Всушност, она што ме фасцинира е тоа што на прашањето „Каде сакаш да стигнеш?“, многу често слушам географска одредница, наместо цел. Па, нели и тоа е суштината? Не, грешка е поставено прашањето. Треба да биде: „Што сакаш да ДОстигнеш?“. Фактички, да стигнеш до нешто. Или некого. За кого-како. 

          Опкружени со едноличноста на секојдневието, понекогаш се случува да подзаборавиме по малку на таа наша поставена цел. Многу почесто од тоа, се забораваат детските сништа и амбиции. Колку од нас сакаа да бидат доктори кога ќе пораснат? Колкумина од нас сакаа да станат космонаути кога ќе пораснат? Колкумина од нас сакаа да станат нешто кое не станаа? Зошто? Невозможно е? Не е. Недостижно е? Не е. Каде е тогаш проблемот?

          Се чини како да сме ја согледале реалноста и сме фатиле некој друг пат. Некој пат кој ни се чинел почист, со помалку пречки, полесен за одење. Во сржта на човечкото битие е вкоренета резистентноста, отпорноста и одбивноста кон промени. Толку многу се загнездуваме во оптималната, навидум, положба и остануваме во неа со денови, години, ако не и децении, без да согледаме дека точно таа летаргија и одбивност не „брани“ од шанси за нешто ново, искуство или пријателство, победа или неуспех, не е битно. А токму она што треба е да се држиме чисто и смело на оние цели зацртани уште од детството. Тие се длабоко искрени желби и не се невозможни. И на нив треба да се работи со истиот жар со кој сме се замислувале кога сме биле деца.

          Впрочем, и клише е веќе да кажам дека она за кое најмногу се бориш е најслатко. Она што лесно доаѓа, лесно и си заминуваа. Можам да ви напишам уште илјадници клишеа за ова. Чуму? Јасно е веќе. Летаргични сме, да не речам мрзливи, отпорни на секаква промена. Менталитетот на народот од овој регион е таков. Ќути, има и полошо. Ограничени сме. Сами си поставуваме граници. Јас не можам. Јас не сакам. Не ми дозволуваат. Секогаш некој друг ни е крив, иако знаеме дека самите сме си виновни.

          Знаете колкава е детската тврдоглавост за да направат нешто? Конкретно за да достигнат чоколадо ставено еден метар над нив. Прво ќе посегнуваат. Неколку пати. Кога ќе увидат дека не можат така, ќе потскокнат. Ќе потскокнуваат извесен период. Ќе му го потфатат крајчето на чоколадото, ама не можат да го симнат. Ќе земат некој подолг објект (тепалче за муви, книга, лажица, што ќе им се најде на повидок). Ќе пробаат и така. Не бива? Не бива. На крај ќе им текне да се качат на нешто. И ќе најдат нешто, и ќе се качат, и ќе го достигнат чоколадото, и ќе го земат и ќе го изедат. И ќе се насмеат... Тоа е тоа што ни фали. Детска посветеност и безусловна упорност. Ако сакаш нешто што го немаш, мораш да направиш нешто што не си направил.


          Оние кои нé спречуваат во нашите соништа сме самите ние. Оние кои ставаат граници сме исто така, самите ние. За дете нема граници. Нема граници на соништа, за нив сé е возможно. Зошто тогаш дозволуваме општеството да ни ги урне надежите и да ни ги окова крилјата?  

          Нареден пат кога ќе бидете во близина на дете, прашајте го што сака да биде кога ќе порасне, и ќе ја видите жарта, искрена, искри што фрла. Јас, од друга страна, кога ќе пораснам, сакам да бидам дете.
          

No comments:

Post a Comment