Monday, August 29, 2016

За сексот, градот и луѓето

Не, нема постов да биде за секс. Ве излажав. Добро, може малку ќе има околу сексот. Од оној лошиот. Оној само на уста-секс. Не орален. Психички. Нејсе.

Кмишам веќе еден саат на лаптоп. Шетајќи помеѓу твитер, фејсбук и јутуб, главно на фејсбук. Слики од одмори, свршувачки, прстени, коли, пијалоци, среќни парови, вечни феминистки, сингл-персони, лајонес и слични пирамидно-структурирани квази-бизниси, бебиња, свадби, прослави по секој повод, фризури и нокти, наградни игри од локални бизнис-суети, портали со нај нај најексклузивни вести, провладини и проопозициски постови, пропагирање здрав живот и навики... Срање. Кој секс, човече. Мозокот ми се смали, ми зовре. Морам да излезам.

Се качувам од последна 24ка од Тафталиџе, си реков да прошетам низ центар малку. Сабота, ден кога одредена демографска група имаат фри пас за ЈСП. Тоа што имаат право да се возат без пари, мислиш им дава право и да се однесуваат ко мршојадни птици (се извинувам за живописнава споредба) тепајќи се, буквално се туркаат меѓу себе за слободно столче. Демографијата во автобусот изгледа вака: 4 млади луѓе 20-30 години, шоферот и уште 5 души 40-50 работоспособни шо излегле по работа и околу 35-36 луѓе со над 65 години. Да, немав друга работа и ги броев. И онака возење до центар е 15-тина минути. Ставам слушалки и пуштам музика да не им ги слушам дневно-политичките размисли (не дека не ценам искуство и старост, едноставно влегуваат со став на алфа-мажјаци и алфа-женки и како денешнава младина не ја бива, колку шоферот не знаел да вози и колку е многу жешко).

Се симнувам на Рекорд и тргнувам кон плоштад. Седнувам на онаа клупата карши Пелистер и Цар Самоил. Најубава е за инкогнито набљудување. Седнати дотерани дадички и батковци во Пелистер со куртоазни насмевки и вештачка љубезност. Скапи наочари за сонце и ефтин накит, скап телефон и ефтини фори. Многу шминка и малку насмевки. Господава со големи стомаци, еднакви на егото им. Високи штикли и ниски морали. Ми текнува еднаш, одамна, еден тогаш другар ме однесе во Пелистер на ручек. И ми рече - „Бирај“. И тогаш ја имаше горе-долу истата конституција на клиенти. „Што да бирам?“ - го прашав, целата во збунка. Ми рече дека сме седеле во елитата, во кајмакот на општеството и требало да си барам животен сопатник таму. Тоа беше последното излегување со него. Ставот на другаров очигледно е широко распространет, години потоа ја слушав истата констатација - таму излегува елитата. Тие биле врвот на општеството. Аха. ОК.

Обичните смртници поминуваа покрај ресторанот. Забрзани, задишани, со светнати чела од пот и загрижени, збрчкани лица. Млади, излезени во пар или група, бараат место да седнат на кафе. Секакви. Неелита. Мајки со деца, другарки на кафе, другари на пиво (или обратно), млади, стари. Ги набљудувам некои 20-тина минути. Сите имаат некој ист израз на лицето. Загрижен. Замислен. Може од жешкото е.

Кловнот погоре пуштил некоја страшна музика од 80-тите и жонглира некои изгризани, изедени од времето топки. Чичково пред мене со фрижидерот пред него само воздивнува. Чат-пат ќе му застане некој, ќе му купи сладолед на детето и ќе замине. Чичкото пак ќе седне. И така цел ден. Поцрнет, со брчки и подгрбавен. Како цела тежина на светот на плеќи да ја носи. Поминува бабичкана што продава цвеќиња. „Бабе, колку ти се цвеќињата?“ - ја прашав откако седна до мене да одмори. „Овие ти се по 50, овие по 70, а овие, најубавите по 100“. -„Скапо бе, бабе. Дај ми од тие по 50“. И ми се расприкажа. Како син и и снаа и не се на работа, а има внуче што му требаат патики и книги, сега од први на училиште ќе одел, како таа со години работела во некоја фабрика со мажот и, па тој починал и сега морала да работи. Стана и тргна кон другите клупи на кои седеа парови. Си ја знае таргет-публиката.

Малку погоре, кај оној чуднион споменик што не го разбирам - чистачот на чевли, просат две деца, едното скоро бебе. А наспроти мене се издига, нели, цар Александар. Кој контраст. И Пелистер до нив. И ми текна да се придвижам малку на кај кеј. На кај Панорамското тркало и возот и арките. Се загледувам во, наизглед монументалните барокни фасади на огромните згради пред мене. 



И ми текнува на сексот. Ви реков, ќе има малку и околу него. Ми текнува на сексот што им се случува на народецов. Сексот од аристократскава капиталистичка „демократија“. Од лево имаш 9-милионски споменик од 22 метра, од десно река полна ѓубре и деца што просат за леб.

1 comment:

  1. Ova e prekrasen emocionalen prikaz na taznata sostojba vo nasiot grad, a za zal i vo celata drzava. Eden od najgrubite oblici na kapitalizmot vo Evropa od pocetokot na 20-iot vek, kaj nas so godini e realnost.
    Citajki go tekstot se cuvstvuvav kako jas vo momentov da sedam na istata klupa karsi “Pelister”. Mnogupati sum gi imal istite gletki i razmisluvanja kako i vie. Sekogas i sekogas povtorno se vracav od Skopje mnogu rastazen.
    Stilot kako pisuvate i temata se fantasticna podloga za eden roman. Za zal materijal po ovaa tema kaj nas ima vo izobilstvo.
    So golemo zadovolstvo gi citam vasite tekstovi i iskreno uzivam vo toa.

    ReplyDelete