Стојам на шанкот и го чекам келнерот да ми подаде чаша
вода. Два пати им подвикна на шанкерите. Ја испив на екс и тргнав надолу во
тоалетот. Ив ме чекаше таму. Односно чекаше ред. Јас ја чекав нејзе. Принцези
околу мене. Високи, ниски, русокоси, бринети, црни. Слаби и дебели и тамам. На
ниско и на високо. И на многу високо. Не може да стои и се потпира на лавабото,
додека суптилно проверува да не има нешто меѓу заби. Под око ја погледнува таа
до себе која го поправа карминот, ставајќи уште еден слој на веќе исцртаната
уста. Се ослободува едната кабина. Излегува една принцеза, влегува друга.
Молчешкум. Некои непишани правила на кои се придржуваме. Никој не зборува. А
сите имаат толку многу да кажат. Им се познава по светнатите очи од алкохол и
ѕверење по момците. Влегува уште една принцеза во веќе полниот тоалет. Се
потпирам на ѕидот зад мене, додека Ив сѐ уште чека ред. Колку ли време им треба
за да завршат работа? Штом е толку гужва, премногу. Ја загледувам принцезата со
највисоките потпетици. Сѐ уште се потпира на лавабото, иако веќе ѝ стежнува.
Што од потпетиците, што од алкохолот кој ѝ се чита на подочњаците. Посега по
ташната по не знам кој пат и вади малечко огледалце. Повторно проверка на
лицето и малото мозолче на образот. Го растега лицето и пак го враќа во
првобитна состојба. Се насмевнува. Што ли ѝ се врти во глава?
Од спротива, потпрена девојка во краток фустан. Многу
краток. Ако се наведне, должината ќе се скрати трикратно. Затоа и не се
наведнува. Само се потпира. На главата носи цветно венче. Таа е од оние што
слават моминска. Не ѝ е баш по ќеф. Со осудувачки поглед ме гледа. Ја фатив со
аголот од окото. Носев црни пантолони, памучни, речиси тренерки. Не бев за
излегување. Ама кафе со Ив никогаш не значи само кафе. И не ми е битно што
носам на мене. Мене ми е убаво. И удобно на ниските чевли. Можеби ми завидува
што сум на ниско, па затоа така ме гледа. Ја погледнувам и одма го трга
погледот. Се насмевнувам. Ив конечно дојде на ред. Излезе за минутка. Ја
обожавам. Се разбираме со поглед.
Се враќаме на масата, кај што нѐ чека С. Сама. Не ѝ е
гајле. Дружењето со нив ми е најрелаксирачко. Нема потреба од излишни коментари
за тоа колку народот е искомплексиран и дали ќе прокоментираат зошто некоја е
сама на маса или зошто не носиме шминка. Позади нас, група од момци во своите
30-ти. Втора половина од 30, би рекла. Им го слушам муабетот и покрај гласната
музика. И недолични извици. И продолжено манијачење. Несуптилно и невкусно.
Жеден, крволочен поглед што бара жртва. Секс. Сѐ се врти околу секс. И
внимание. Сексот е форма на внимание. Највисока форма на внимание. И принцезите
со нивниот изглед, за кој се гледа дека потрошиле часови дотерувајќи се. И
момциве, што потрошиле саати на порно видеа и мислат дека со извици ќе привлечат
некоја. Сѐ е за секс. Околу секс. Желба за секс. Примитивен порив во урбано
место. Глумиме. Сите.
Сѐ е за секс. Освен сексот. Сексот е за моќ. И највисока
форма на внимание.
No comments:
Post a Comment