Животот на секој човек е
пат кон самиот себе. Ниту еден човек не бил целосно самиот тој, туку секој се
стреми да стане тоа – некој несвесно, некој појасно, кој како што умее. Не
постои друга реалност освен онаа што ја имаме во самите себе. Затоа повеќето
луѓе живеат толку нереално – бидејќи ги сметаат за реалност сликите надвор од
себе, а на својот сопствен свет во себе не му дозволуваат да дојде до израз. А
толку многу имаме да научиме од самите себе.
Се чини, светот решил
да дели на две главни нешта. Станува збор за некое непишано правило кое сите
ние мора да го следиме. Да делиме на едни и други. Сите знаат дека постојат два
типа на луѓе. Кои се тие? Прашајте кој било.
Сите ќе ви одговорат добри и лоши. Едните се оние кои се ценети од сите
и сите ги сакаат во нивна близина. А
другите? Кои се, всушност лошите луѓе? И дали ги имаме во наша близина? И зошто
баш лоши? Понекогаш размислувам дека одредени луѓе се релативно лоши.
Релативно. Да, тоа е зборот. На пример, има луѓе кои се лоши за една група на
луѓе, а пак, за друга се најдобри на цел свет. Дали за една мајка детето може
да биде лошо? Или пак за едно дете мајката може да биде лоша?
Сепак, кога станува збор за
некоја личност, при описот на таа личност ќе се каже дека е многу добра. Или
пак дека е лоша. Од каде е таа генерализација или поделба? Личноста како
личност може да поседува и добри и лоши карактеристики. Некој повеќе, некој
помалку, но не може, не е возможно една личност да биде само добра за сите, а
друга да биде лоша во целиот тек на својот живот.
Општеството решило да ги дели луѓето на добри и лоши.
Нека биде така. Да почнеме со лошите луѓе. Општо се прифатени како лоши. но,
мора да се размисли и од друга гледна точка. Доколку не би постоеле лошите, не
би знаеле да ги цениме добрите. И животот не би бил интересен. Барем, јас така
размислувам. Токму заради лошите луѓе, знаеме да се бориме, мораме да се
бориме, да успееме во животот. Затоа што тие луѓе се лоши само за нас. И од нив
добиваме мотивација. А за некои други пак, баш тие истите луѓе се добри. без
разлика, секогаш е релативно индивидуално.
При анализата, добрите луѓе се сепак општо прифатени
добри. Тие се оние луѓе кои во секој момент би помогнале. Некогаш би се рекло
дека тие луѓе се успешни на секое поле од животот. Имаат добри семејни врски и
односи. Кариера или професија на која им завидуваат. И совршен партнер. А кои
се нивните карактеристики, нивните лични карактеристики, палетата на особини?
Благородни се. Не им треба причина за да направат добро дело, би направиле
добро дело само за да си го исполнат своето срце со среќа. Тие се среќни кога и
другите се среќни. Не завидуваат, затоа што нив нема да им пречи доколку
другите имаат повеќе, се посреќни. Сепак мислам дека блгородноста е една од
нивните клучни особини за да се карактеризираат како добри. Таквите луѓе се
посакувани во сечие друштво. Како светлина која се појавува на темно место.
Зрачат со харизма. Што би рекле старите „како лепче се добри“. Овие луѓе ни го
разубавуваат светот. Без нив светот би бил само мрачно место во кое сме
принудени да постоиме. Без нив не би бил светот таков каков што е. Денот би бил
празен, темен, битка за опстанок, за преживување.
Да не се ограничуваме. Може да се згреши. Не секогаш ги
познаваш доволно луѓето околу тебе. Секој може да згреши во проценката. Треба
сите да се прифатиме какви што сме, да бидеме она што длабоко во нас сме, и да
дозволиме она човечкото во нас да не води низ животот. Само така ќе се
оттргнеме од стегите на општеството и ќе го бараме само доброто во сите. Само
така ќе успееме. Животот е премногу краток за да бидеме лоши.
No comments:
Post a Comment