Но, понекогаш може толку да те оживее...нејсе, да те крене од мртвите.
Најчесто, доволна е да те одржи во живот.
А ти, дали ќе живееш со неа, или ќе преживуваш без неа е само прашање на време.
Секогаш кога ќе ја видеше, в глава му се вртеше “I’ve seen a face” од Битлси.
Резервиран романтичар, безнадежен меланхолик.
Чудак.
Ама ја сакаше најмногу од сите претходни.
И сите идни.
Таа него?
* * *
Ја сакаше. Се сеќаваше на времето поминато со неа. му се вртеа слики од тоа време: нејзините штикли под неговиот кревет, шнолка на наткасната, стегач за коса во бањата пред огледалото, ситнурии нејзини што ја отсликуваа нејзината безгрижност и лекост. Лекост од душата. Таква беше. Му текнуваше на прошетките по празниот булевар во 3 по полноќ затоа што не можеа да заспијат. Доволно им беше што сонуваа со отворени очи. Цигарите што ги пушеа на клупичката пред зграда, довикувајќи им на мачките што мрзеливо се преместуваа на некое позатскриено ќоше. Му се слоши. Му текна дека ја нема. Туѓа е. А беше комплетно негова. Се потсети на некоја забава, во полупригушено светло кај што ја набљудуваше од страна и се восхитуваше. На нејзиното танцување. Кокетираше со музиката. И да беше со десетици луѓе, ќе се завртеше кон него, со поглед да му каже дека е тука. Дека е негова. А тој? Тој беше сечиј. Само нејзин не. И глуп.
Почнаа нејзините зборови да му одекнуваат во мислите. Зборовите кога си заминуваше.
„Ти не знаеш да сакаш. Ако сакаш некого, треба да си со него, а не да се плеткаш на страна. Ти не знаеш да сакаш. Години заедно, така фрлени. Оди. Не е битно. И онака не знаеш да сакаш“. Тргна да повраќа. Уште во мислите му се вртеа нејзините зборови: „Ти нè уништи. Ќе ти текне еден ден и ќе плачеш. Ќе плачеш како мало дете, да знаеш. Не знаеш да сакаш. И сега не знаеш што треба да кажеш, нели? Нема врска, јас ќе ти кажам. Те сакам, глуп еден. Ама, веќе не е доволно. Со напори од петни жили се борев за нас. За што? За кого? Не знаеш да сакаш и тоа е. А јас не можам веќе да бидам сама во врска. Двајца требаат“.
- Не знам да сакам - прошепоти. - Не знам.
А ја сакаше. И уште ја сака.
Ја запали и последната цигара од кутијата, се навали на каучот кај што спиеја заедно и потона во тешката тишина. Сам.
Некогаш љубовта може да те уништи. До срж да те снебити. Една голема празнина се смести до него на каучот и го доуништи. Маж. Се сведе на ништо. Си ја гушна празнината и потона во снебитување.